Почнувајќи во 2017 година, нелегалниот тутун (познат како режан тутун) почна да се појавува ширум земјата, првично само на избрани локации. Сепак, ерозијата на легалниот пазар на тутун продолжи со уште поголем интензитет во 2018 година. Заради тоа, легалниот пазар на тутун се очекува да претрпи алармантен пад од повеќе од 11,0% во 2018 година во споредба со претходната година (просечното годишно намалување на пазарот во периодот од 2015 до 2017 година беше блиску до 1,9%). Како резултат на овој пад, приходите од акцизите на тутун се очекува да забележат пад во споредба со минатата година (-2,2%). Членките на Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора на Македонија се согласни дека главната причина за ова нагло опаѓање на легалниот пазар на тутун е развојот на трговијата со нелегален тутун и недостигот од спроведување на Законот за да се спречи таквата појава. Според нашето мислење, нелегалниот тутун веќе ја загрозил стабилноста на легалниот пазар, како и одржливоста на владините приходи и индустријата во целина. Оттаму, апсолутно е неопходно Владата веднаш да преземе акција и интензивно да го спроведува Законот против оваа нелегална активност.
Пазар на нелегален тутун
Историски гледано, еластичноста на цените на цигарите во Македонија е -0,4. Имајќи ги предвид неодамнешните зголемувања на малопродажните цени (во периодот 2015 – 2018 година), би се очекувало вкупниот пазар да се намалува помеѓу 2% – 4% годишно врз основа на еластичноста на цените. Сепак, намалувањето на пазарот во 2018 година е далеку поголемо (-11,0%). Нелегалниот тутун е главното објаснување на разликата помеѓу очекуваното намалување во 2018 година (2% – 4%) и фактичкото намалување (11%) врз основа на следните факти:
Најголемиот пад на акцизни контролни марки е забележан за најевтините легални брендови. Ова укажува дека потрошувачите на најевтините легални брендови се префрлаат на нелегален режан тутун.
Зголемена достапност на нелегален режан тутун. Во 2017 година режаниот тутун беше достапен само на избрани локации (на пример, Бит Пазар), но сепак во 2018 година режаниот тутун стана општо раширен, па денес може да се купи на кој било зелен пазар пазар ширум земјата, дури и во некои малопродажни места, преку испорака до дома со нарачка преку мобилен телефон итн. Според еден од продавачите на режан тутун, неговата дневна продажба варира од 100 кг до 150 кг (и тоа само на едно „продажно место“ на еден пазар), што е навистина алармантно за нас од аспект на стабилноста на легалниот пазар на тутун. Огромен пораст во продажбата на туби за виткање хартија (што се користат само за режан тутун). Тубите се сега достапни ширум земјата, а во некои случаи се продаваат повеќе отколку цигари. Овде би сакале да истакнеме и дека тубите се продаваат нелегално на зелените пазари, каде што амбалажата не содржи никаква декларација и информации за нивниот увозник и/или производител.
Појава на лажен „брендиран“ режан тутун.
Ефектот на нелегалниот тутун
Индустријата проценува дека нелегалниот тутун моментално опфаќа најмалку 8,0% од вкупната потрошувачка на тутун (или над 360 милиони цигари годишно). Ова претставува сериозна закана не само за приходите на државата и за учесниците на легалниот пазар на тутун (производителите, увозниците, дистрибутерите, малопродажните места, тутунопроизводителите итн.), туку и за општата јавност. Нашата проценка е дека во 2018 година, буџетот на Владата изгубил повеќе од 940 милиони денари (или близу 9%) во акцизни давачки поради нелегалниот тутун. Дополнително, државата изгубила уште 200 милиони денари од ДДВ. Севкупно, државниот буџет изгубил повеќе од 1,1 милијарда денари или 18,5 милиони евра во 2018 година. Доколку Владата веднаш не започне со сеопфатна борба против трговијата со нелегален тутун, државните приходи од акцизи на тутун уште повеќе ќе се намалат во блиска иднина. Ако продолжи тековниот тренд, проценуваме дека загубите од акцизни давачки би можеле да достигнат 1,8 милијарди во 2019 година и 3,3 милијарди денари во 2020 година, со дополнителни загуби од ДДВ од 400 милиони денари во 2019 година и 740 милиони денари во 2020 година.
Важно е да се забележи дека Македонија направи измени на Законот за акцизи во 2013 година целосно во согласност со Директивата за акцизи на ЕУ (2011/64). Од измените, државните приходи од акцизите на тутун речиси се удвоиле, од 5,7 милијарди во 2012 година на 11,3 милијарди во 2017 година, забележувајќи просечен годишен раст од над 14,4% во тој период. Неодамнешниот развој на нелегалниот тутун води кон ерозија на државните приходи и целата легална индустрија и се заканува да го избрише напредокот остварен во последните 5 години. Оттаму, спроведувањето на законите од страна на Владата и дејствување е неопходно без какво било одложување.
Не само што ги одзема приходите од државата, нелегалниот тутун става енормен притисок на легалните учесници на пазарот, затоа што колку повеќе луѓе купуваат режан тутун, толку повеќе се намалуваат приходите преку легалните канали, со што се загрозуваат работни места на сите учесници.
Конечно, нелегалниот тутун претставува сериозно здравствено прашање, затоа што има непознато потекло и сомнителни состојки, без каква било контрола на квалитетот.
Препорака
Во 2018 година, нелегалната трговија со тутун порасна значително и стана сериозна закана за легалните учесници и ги загрози владините приходи. Ова бара итно внимание на Владата и одлучна акција. Моментално, достапноста на нелегалниот тутун сè повеќе се шири и луѓето кои учествуваат во нелегалната трговија не се плашат од спроведување на законот и од последиците. Како прв чекор, предлагаме подигнување на свеста на јавноста за штетноста од консумирање на непроверени и нерегистрирани производи од тутун, како и свеста за негативните ефекти од нелегалната трговија, како во Владата, така и во општата јавност. Дополнително, потребно е да се примени систематски пристап кон борбата против нелегалната трговија, каде што ќе се усогласат сите релевантни делови на Владата (заедно со засегнатите индустрии), со јасен акционен план.
Нелегалната трговија не може да се реши само со борба против поединечните продавачи на отворените пазари, туку задолжително е и спроведување на Законот во нелегалните канали за набавка каде што се набавува самиот тутун. Клучниот двигател на одржлив раст на државните приходи од акцизи е стабилна големина на пазарот на легален тутун, којшто треба да се обезбеди со спроведување на законите и борба против нелегалната трговија. Трговијата со нелегален тутун веќе ја загрозува целата индустрија и нанесува сериозни штети на приходите на Владата, така што веднаш се неопходни одлучни акции.