Годинава ќе стартува регистарот на вистински сопственици со кој ќе се евидентираат физичките лица, сопственици на правни субјекти кои ги поседуваат или контролираат фирмите. Ова беше истакнато на денешната работна посета на министерот за финансии Драган Тевдовски на Управата за финансиско разузнавање. Инаку, оваа новина е дел од новиот донесен Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам, кој е согласно европската регулатива.
Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека оваа и други мерки се во насока на зајакнување на капацитетите на институциите и борбата против корупцијата преку зајакнување на транспарентноста.
-Регистарот на Вистински сопственици треба да претставува систем кој има за цел да ги направи транспарентни сложените сопственички структури и правни аранжмани, односно да го разоткрие „скриеното“ сопствеништво. Имено истиот треба да го бележи сопственикот, односно сопствениците на правното лице или оние кои имаат реална или друг вид на контрола врз истото-истакна министерот за финансии.
Тој посочи дека Министерството за финансии пропишало Правилник за регистрација во Регистарот во кој е регулиран начинот на внесување, пријавување на вистински сопственици, изразување на уделот на сопствеништво, технички барања и начинот на одржување и администрирање.
Директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов истакна дека Македонија има значаен напредок во борбата против перењето на пари и спречување тероризам. Ова го потврдува и реномираниот „Базелски институт“ во својот извештај за 2018 година.
- Македонија е една од земјите која од 2018 година може да се пофали дека се наоѓа во листата на 10 земји во светот со низок ризик од перење пари и финансирање на тероризам, меѓу земји како Финска и Шведска. Република Македонија има напредок од преку 15 места на ранг листата на нискоризични држави во поглед на перењето пари и финансирањето на тероризам. За илустрација во извештајот за 2016 година Македонија била на листата на т.н. топ 10 „најголеми губитници“ со зголемувањето на степенот на ризик - рече Трендафилов.