Плановите за јавни набавки на институциите од годинава ќе се објавуваат на електронскиот систем за јавни набавки. Исто така, ќе можат да се поднесуваат и електронски жалби. Со овие новини на системот, кои се предвидени со новиот закон за јавни набавки, ќе се зголеми транспарентноста и ќе се поедностават постапките за јавни набавки.

Тоа било истакнато на средбата на министерот за финансии Драган Тевдовски и директорот на Бирото за јавни набавки Бардул Насуфи, при работна посета на министерот на оваа институција.

Како што соопшти денеска Министерството за финансии, на средбата било наведено дека главен фокус годинава ќе биде ставен на новите функционалности на електронскиот систем за јавни набавки според новиот закон. Дел од тоа се и новите модули е-планови и е-жалба. Исто така, ќе се воведе и електронско архива на постапките со што ќе се обезбеди чување на податоците во системот во изворна електронска форма.

Помеѓу останатите надградби и подобрувања, на понудувачите во жалбениот период ќе им се овозможи увид во целокупната документација од постапката на која учествувале. Со тоа во голема мерка ќе се зголеми довербата во жалбениот процес.

Минатата година беше изработен нов закон за јавни набавки, кој значително го подобрува системот за јавни набавки во земјава и го усогласува со европските директиви. Министерот Тевдовски во повеќе наврати укажуваше дека законот ќе обезбеди рационално трошење на државните пари, слободна и фер конкуренција и транспарентност при јавните набавки. Законот предвидува воведување на економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Ова ќе ги отстранио негативностите кои произлегуваа од критериумот најниска цена, како послаб квалитет или трошоци за поправки кои ја чинат државата многу повеќе.

Новиот закон содржи и решенија кои ќе ги заштитат правата на работниците кои учествуваат во извршувањето на договорите за јавна набавка, како и подизведувачите. Исто така, се воведуваат одредби кои се однесуваат на вклучување на социјални аспекти во постапките за јавни набавки, односно резервирани договори со цел поттикнување на инклузивен раст и вработување социјално загрозени групи.

Законот е во собраниска процедура и се очекува да се отпочне со негова примена од април месец оваа година.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/01/2019 13:22