Недостатокот на квалификуван стручен кадар е клучниот ограничувачки фактор за да се постигнат подобри резултати во стопанството иако големо влијание имаат и недоволната побарувачка на домашниот и на странскиот пазар, сметаат компаниите членки на Стопанската комора на Македонија. Предвидуваат наредниот период да биде релативно стабилен, со поволна економска состојба, но посочуваат дека недостатокот на стручен кадар веќе прави сериозни проблеми.

-Деловните тенденции за првите 11 месеци од минатата година дефинитивно покажуваат дека недостигот на квалификувана работна сила со 28,6 проценти е најголем ограничувачки фактор за развој на домашната економија, по што следат недоволната домашна побарувачка со 16,2 отсто и недоволната странска побарувачка со 15,7 проценти. Затоа мора да се работи на сите аспекти да се обезбеди квалификувана работна сила за стопанството, доколку сакаме да добиеме подобри резултати наспроти она што веќе е позитивен тренд од 2018 година, истакна Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција.

Борис Тримчев од Стопанската комора посочи дека главна цел на Комората е земјава да се придвижи кон дуалниот систем на стручно образование, како и да се воспостави, во контекстот на доживотно учење, систем за валидација на неформално и информално учење и сертифицирање на лица кои стекнале знаења, вештини и компетенции во текот на животот, а при тоа немаат добиено соодветна валидна потврда која е призната на пазарот на трудот.

Од Комората препорачуваат да се изградат силни механизми што ќе ја засилат и подобрат финансиската поддршка на учениците во текот на нивниото школување за да се зголеми атрактивноста на стручното образование, да се подобри практичната работа на учениците како во училиштата, така и кај работодавачите во реални услови. Сметаат дека е потребно да се воведат и стимулациски мерки за бизнис секторот за негова поголема вклученост и соработка со средните стручни училишта, стимулативни мерки за наставниците, но и можност за наградување на учениците кои учествуваат во создавање на приходи преку училишните економии, како и подобрување на состојбата на стручните училишта со лаборатории, работилници, нагледни објекти, опрема и потрошен материјал.

-Вклучени сме во речиси сите работни групи кои се занимаваат со проблематиката на воведување на дуален модел на стручно образование и имаме направено голем исчекор особено во делот на реализација на практичната работа во компании. Комората е чинител што ги верификува компаниите за реализација на програмите за практичниот дел. Во постојана соработка сме со компаниите и гледаме да ги насочиме како да го подобрат целиот процес кај нив. Имајќи предвид дека компанијата не е образовна установа, гледаме да отвориме некои делови во компаниите кои ќе можат да преземат дел од образовната дејност. Сметаме дека со таквиот модел на образование можеме да постигнеме прилагодување на понудата и побарувчката на пазарот, рече Тримчев.

Тој нагласи дека веќе има компании кои нудат стипендии за учениците во делот на средно стручно образование, но додаде дека Комората сака да воведе системски промени, а не ад-хок решенија кои нудат краткорочни резултати на пазарот.

-Главниот носител на пазарот на трудот е формалното стручно образование кое треба да обезбеди волумен и квалитет во делот на понудата, но бидејќи се менуваат потребите на пазарот сметаме дека неформалното образование може да го премести тој краткотраен јаз. Сепак, се фокусираме на формалното обрзование, дека токму тоа треба да обезбеди квалификувана работна сила… Не радува фактот што од година во година драстично се менува бројот на компании кои првично вложуваат во развојот на својот кадар, но вложуваат и во соработката со средните стручни училишта како дел од нивната корпоративна политика, рече Тримчев.

Најголем недостатокот на квалификуван работен кадар во земјава има од металната струка, услужните дејности во областа на туризмот и ИТ скеторот, машинската и градежната струка.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2019 14:03