Евентуалното долго отсуство на напаѓачот Хари Кејн може да биде огромен удар по амбициите на Тотенхем за постигнување на нешто битно во оваа сезона, изјави менаџерот на клубот Маурисио Почетино.

Капитенот на репрезентацијата на Англија доби повреда во глуждот по остриот влез на Виктор Линделоф при поразот со 0:1 од Манчестер Јунајтед синоќа.

Кејн го доигра натпреварот, а по последниот судиски сигнал падна на теренот и требаше да биде изнесен од него со помош на медицинскиот тим на „петлите“.

– Моите грижи се, дека тоа беше многу опасен влез. Играчот на Јунајтед не сакаше да му наштети намерно на Кејн, но неговиот влез беше многу остар. Го губиме и Сон за следните натпревари поради Купот на Азија, а ако го изгубиме и Кејн, тоа може да биде огромен удар за нас, призна Почетино.

Поразот го остави Тотенхем на третото место на табелата во Премиер лигата, на бод пред четвртиот Челзи и на девет зад лидерот Ливерпул.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2019 15:45