Членството во НАТО имаше огромно влијание врз економскиот развој на другите земји во регионот и не постои причина зошто тоа не би било случај и со Македонија. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на Форумот на Централна и Југоисточна Европа „Еуромани“, кој се одржува во Виена Австрија.
Тој вели дека кога ќе се споредат годините пред и по членството во НАТО, странските директни инвестиции кај земјите членки се зголемиле најмалку двојно како процент од БДП, а во некои земји, како Бугарија, тие се зголемиле и за трипати.
Тевдовски вели дека кога станува збор за Македонија, при контактите со инвеститорите, тие покрај економските показатели, кои навистина се солидни, се многу заинтересирани и за напредокот во евроатланските интеграции.
- Економските влијанија од овој напредок се огромни. Во историски нестабилен регион, и имајќи ги предвид случувањата изминатите неколку години, членството во НАТО претставува потврда за долгорочна стабилност и одржливост. Ова ќе придонесе за едноставно и брзо отстранување на сомнежите и стравот кај инвеститорите во минатото. Економските придобивки ќе бидат значителни и брзи, што значи поголеми странски, како и домашни инвестиции во нашата земја, што, пак, несомнено ќе резултира со повисок извоз, поголема вработеност и повисоки плати, како и подобрен животен стандард за нашите граѓани-рече Тевдовски.
Во поглед на макроекономската стабилност, Тевдовски посочи дека Владата е посветена кон спроведување на постепена фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит на среден рок за контролиран јавен долг. Истовремено, наплатата на приходите во буџетот е одлична. Како што посочи министерот, приходите од даноци во буџетот се целосно во линија со проекијата на Министерството.
-Одличната наплата на даноци и придонеси, заедно со другите економски индикатори е јасен показател дека економијата се опоравува - рече Тевдовски.
Тој посочи дека се значајни достигнувањата кои земјата ги има во фискалната транспарентност, како највиско ниво во контролата на управувањето со државните пари. Во текот на изминатата година, истакна, „Граѓанскиот буџет“ добил веб-апликација, објавени се заостанатите обврски во јавниот сектор, а се прават и финални подготовки за објавување на платформата со која јавноста ќе може во реално време да ги следи исплатите од трезорот. Исто така, Македонија наскоро ќе влезе во земјите кои ги достигнуваат СДД+ стандардите, кои се највискои статистички стандарди, рече Тевдовски.
Инаку, на „Еуромани“ учествува и гувернерот на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска. Форумот „Еуромани“ е еден од водечките настани од областа на финансиите во Европа. На него годинава се регистрирани 1.300 учесници – министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори. Форумот е насочен кон дискусија на најважните прашања за пазарите во Централна и Источна Европа.
Министерот за финансии Тевдовски за време на форумот ќе има и бројни средби со меѓународни инвеститори и финансиски институции.