Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас е возбуден од можноста Жозе Мурињо да се врати во Шпанија на чело на некој локален тим.
Откако беше ослободен од Манчестер Јунајтед, Португалецот е поврзуван со тренерскиот пост на Реал Мадрид, каде веќе беше ментор.
– Не би било лошо нешто за Ла Лига. Тој е фантастичен тренер, кој има многу квалитети, и би било добро да биде тука, но кој знае во кој клуб би отишол, изјави Тебас пред каталонското радио „РАЦ1“.
Тој зборуваше и за Нејмар, Лионел Меси и Кристијано Роналдо.
– Нејмар назад во Шпанија? Сакаме што е можно повеќе ѕвезди, а тој е светска ѕвезда. Но, најважно за нас е да имаме важен бренд како Премиер лигата на Англија, кои немале носител на „Златната топка“ од многу години. Не можам да ја замислам „Ла Лига“ без Меси. Се надевам дека ќе ја заврши кариерата во Барселона и Ла Лига. Тој е најдобар во светот. Би сакал и Роналдо да продолжеше да игра во Реал Мадрид, но се обидовме да ја минимизираме штетата од неговото заминување. Тоа не влијаеше на нас во однос на меѓународниот маркетинг, додаде шефот на Ла Лига.