Воспоставувањето цврст и ефикасен систем за заштита на националните финансиски интереси и на финансиските интереси на ЕУ, преку ефикасно следење на фалсификувањето евра е целта на твининг лајт проект, кој се спроведува од 1 ноември минатата година со парични средства од Европската унија, во износ од 250 илјади евра.

Проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување на еврото“ ќе трае осум месеци, а негови крајни корисници се Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност во МВР и Народната банка на Република Македонија. Денеска во просториите на Народната банка се одржа Конференција, како почетен настан на твининг проектот, на која учесниците го посочија значењето на овие активности во насока на реформите што Македонија ги спроведува на патот кон ЕУ, а пред се во сферата на борбата против корупцијата, организираниот криминал и воспоставување на владеењето на правото.

-РМ е во почеток на преговори за членство во ЕУ, зачленувањето е процес кој од сите нас ќе бара големи напори пред се за исполнување на европските стандарди во сите области на општественото живеење. Една од најважните области е владеењето на правото, правда и внатрешни работи. Постоењето капацитети за борба против фалсификувањето на еврото е еден од основните предуслови предвидени во поглавјето 24. Колку побрзо ги изградиме овие капацитети толку подобро за процесот на преговори но и за зајакнување на нашите институции. Фалсификувањето на парите, меѓу кои и еврото ќе биде една од главните области во поглавјето 24 кои ќе бидат таргетирани со скрининг процесот, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на Конференцијата.

Нагласи дека Владата изминатиот период ги презела неопходните мерки за прифаќање и инкорпорирање на европското законодавство во оваа област. Воспоставена е Централната канцеларија за истраги во областа на фалсификувањето пари, но, како што посочи Спасовски постои простор за натамошно подобрување.

Досега се реализирани неколку експертски мисии за мапирање и запознавање со моменталната состојба, а за имплментатор на проектот е избрана германската Бундесбанк.

Вицегувернерка на НБРМ, Емилија Нацевска нагласи дека крајна цел на проектот е воспоставување систем за борба против фалсификувањето, кој од сите аспекти ќе биде на ниво на систем на земја-членка на ЕУ.

-Определбата на НБРМ е сигурно да чекори по патот на системот на европските централни банки, следејќи ги европските стандарди и практики, тоа е една од главните стратегиски цели на нашата институција. Се надеваме дека брзо по влезот на земјата во ЕУ интегритетот на еврото ќе го штитиме и како домашна валута, посочи таа.

Додаде дека Законот за Народната банка веќе содржи одредби, кои се регулираат задачите на НБРМ од денот на пристапување во ЕУ. Таа изрази задоволство што како тренери во овој проект се вклучени постарите земји членки на ЕУ, Германија и Австрија, но и најновата членка Хрватска.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар напомена дека овој настан се случува само неколку дена откако македонското Собрание ги усвои уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор.

-Со оваа одлука државата покажа дека останува посветена на европската интеграција, а таа е и доказ за храброста на Владата, Собранието, граѓаните да го променат негативниот курс, кој беше воден во минатото и сега поранешните непријатели да се претворат во партнери, да се решат проблемите, кои изгледаа нерешливи толку време и решително да се турне земјата кон витинската патека во ЕУ, рече Жбогар.

Нагласи дека сега фокусот е на реформите, а борбата против фалсификувањето на еврото е дел од напорите во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

-Тоа е задача, која треба да ја спроведуваат сите сегашни и идни членки на ЕУ и оние на еврозоната, но тоа не е важно само за нив. И покрај 360 милиони Европејци и 19 држави-членки на еврозоната и 60 други земји во светот своите валути ги поврзуваат со еврото. Тоа е една од најважните меѓународни валути, која се користи и во поширокиот регион на Западен Балкан како резервна валута, нагласи Жбогар.

И германскиот амбасадор во земјава, Томас Герберих потенцира дека денешниот настан се случува во мошне важен момент за Македонија, откако беа усвоени устаните измени, со што, како што посочи, конечно ќе почнат преговорите со ЕУ.

-Владата сега треба да се концентрира на процесот со кој ќе може да се овозможи создавање на вистинско европско општество, во кое ќе преовладува сигурноста. Клучен приоритет во овој реформски процес е реформата на системот на владеење на правото, а дел од него е и темата на овој твининг проект, рече тој и додаде дека Германија во проектот ќе учествува со своја експертиза.

Во рамки на проектот предвидена е и поддршка од експерти од хрватската, австриската и од Европската централна банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2019 22:30