Земјоделците од поширокиот кумановски регион се заинтересирани за Програмата за користење на средствата од инструментот за претпристапна помош за рурален развој на европската унија (ИПАРД) за периодот 2014-2020, сооопштија денеска надлежните од подрачната канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

-Кофинансирањето се движи од 60 до 70 проценти од ИПАРД и од 40 до 30 проценти од земјоделецот, изјави Џабир Рамадани од подрачната канцеларија на Агенцијата.

Тој ги повика земјоделците да не ги чекаат последните денови пред истекот на рокот што завршува на 9 февруари, годинава. Рамадани истакна дека и во минатото, земјоделците најчесто конкурирале последните денови за користење на оваа програма.

-Досега најмногу заинтересирани имаше за приклучна механизација, има и за поставување огради на овошни насади, за изградба на објекти за молзни крави, информира Рамадани.

Земјоделците од овој регион се заинтересирани и за систем капка по капка, копање бунари.

-За сите нејаснотии, слободно можат да се обратат до канцеларијата каде ќе им биде понудена соодветна поддршка, изјави Рамадани.

Во оваа програма предвидени се инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства, инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи, диверзификација на фарма и развој на бизнисот, техничка помош, инвестиции во руралната јавна инфраструктура.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2019 15:17