Република Македонија силно оди напред кон интеграциите во НАТО и Европската унија кои ќе доведат до зголемување на домашните и странските инвестиции, како и до зголемување на инвестиции од формата на инвестирање на бизнис ангелите, порача министерот за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ во своето обраќање на Економскиот форум во организација на Светската организација на бизнис ангели (WBAF) што се одржа во Загреб.
Во рамки на форумот, што се одржа од 21 до 22 јануари, беше отворена регионална канцеларија на оваа светска организација во Хрватска, која воедно е прва канцеларија во регионот на Југоисточна Европа.
Шапуриќ, кој беше модератор на една од сесиите на форумот, напомена дека Македонија работи на донесување на регулатива која ќе овозможи поголем влез на ваквите инвестиции, како и дека очекува наскоро Светската организација на бизнис ангели да отвори канцеларија и во Македонија.
Форумот, информираат од Кабинетот на Шапуриќ, преку видео порака беше поздравен и од Кралицата на Холандија нејзиното величество Максима. Во рамките на форумот беше потпишан и меморандум за соработка за глобално партнерство за финансиска инклузија, со посебен фокус на економска соработка како поттик на старт-ап компании и иновација во Хрватска и Европска унија.
Дел од учесниците на Форумот меѓу кои и Шапуриќ, беа примени од претседателката на Република Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ.
За време на форумот Шапуриќ оствари повеќе билатерални средби, помеѓу кои и со претставници на бизнис асоцијациите на Хрватска, со претседателот на WBAF Бајберс Алтунташ, со бившиот претседател на Хрватска –Иво Јосипович, со Потпретсдателот на Саборот на Хрватска-Синиша Хајдаш Дончќиќ, министерот за иновации и претприемништво на Косово-Бесим Бегај, министерот за развој и воедно потпретседател на влада на Гана-Ибрахим Мохамед Авал, повеќе претставници на институции на Европската унија, жупанот на Крапинско Загорска Жупанија-Жељко Колар, и со повеќе други претставници на институциите на Хрватска.