Усогласувањето на пензиите со трошоците на живот двапати годишно обезбедува постојан раст. За да не мора да ја поместиме старосната граница за пензионирање на 67 и за да не ги замрзнеме пензиите избравме средна варијанта која значи раст во континуитет дури и дополнително зголемување од четири проценти доколку расте економијата.

Тоа го изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одговарајќи на новинарско прашање по обвинувањата од Здружението на пензионери дека со новиот начин на усогласување не овозможува раст на пензиите.

– Сите мерки што како Министерство и како Влада ги креираме се однесуваат на праведност, никому не му е ускратено ништо. Пензиите во континуитет, стабилно и навреме се исплаќаат, па дури и порано од претходниот период, но сега се усогласуваат во новото законско решение 100 проценти со трошоците за живот двапати годишно. Ова што е главно во законското решение кое треба да го имаме предвид е дека ако БДП биде над четири проценти ќе има дополнително усогласување во април следната година, наведе Царовска.

За растот на пензиите таа упати на статистичките податоци, според кои во 2016 просечната пензија изнсувала 13.754 денари, а минатата година 14.421 денар.

Како што рече Царовска, Владата го прави тоа што го најавила во Програмата. – Оние кои денес критикуваат дозволија усогласувањето да се забрани со закон. Тие секоја година носеа законско решение во коешто велат усогласување не постои, имаме паушално зголемување, годишно или пред избори кога им беше потребно. За да може да биде праведен пензискиот систем затоа што тој е солидарен треба да се усогласува согласно со законското решение. Ако порано се усогласуваше со 50 проценти од трошоците на живот сега се усогласува двапати годишно со 10 проценти од трошоците за живот и постојано растат, рече Царовска.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2019 14:10