Манчестер Јунајтед на Оле Гунар Солскјер продолжува со неверојатното претставување, откако го елиминира Арсенал од ФА Купот и се пласираше во осминафиналето на најстариот фудбалски турнир. Ова следеше по успехот со 3:1 среде „Емирати“ во Лондон и на тој начин „црвените ѓаволи“ ја запишаа осмата последователна победа од осум натпревари во сите натпреварувања под водство на Норвежанецот.

Првото полувреме се претвори во вистински спектакл и гостите постигнаа два гола во 120 секунди по асистенции на Ромелу Лукаку. Белгискиот стрелец прво го изведе напред Алексис Санчез, кој го казни својот поранешен тим, а потоа направи пас кон Џеси Лингард кој ја удвои предноста на „црвените ѓаволи“. „Топџиите“ сепак намалија во 43-тата минута преку Пјер-Емерик Обамејанг.

По паузата, интересните моменти беа далеку помалку, и логично Арсенал напаѓаше повеќе. На крајот „топџиите“ ги фрлија сите сили во нападот и во 83-тата минута беа казнети по смртоносната контра, завршена од резервата Антони Марсијал.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2019 03:11