Привремениот менаџер на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер беше многу среќен по победата од 3:1 над Арсенал во Лондон во натпревар од четвртиот круг на ФА Купот.
Норвежанецот зборуваше пред клубската телевизија во големо расположение, не заборавајќи да им се заблагодари на навивачите кои патувале од Манчестер до Лондон во петокот вечер за да го поддржат тимот.
– Уште еднаш, тие ќе можат да уживаат во патот назад (Солскјер укажува на победата од 1:0 над Тотенхем на 13-ти јануари – н.з.). Ние победивме еден од фаворитите вечерва и ако сакаме да победиме на овој турнир, ќе ни требаат неверојатни изведби, а вечерва беше токму таква. Би било убаво во следниот круг да бидеме домаќини, рече Солскајер.
Тој беше запрашан и за одлуката да го остави Давид де Хеа надвор од тимот за натпреварот.
– Добро е да располагаш со добри играчи, но исто толку е тешко да ги оставиш надвор од групата. Сепак, менаџерот мора да има доверба во сите играчи. Вториот и третиот гол вечерва беа класични за Манчестер Јунајтед по контранападите. Ме потсетија на многу други голови, вклучувајќи го и мојот од 1997 година, додаде Норвежанецот.