Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека Москва ја стопира примената на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ) и им нареди на претставниците да не почнуваат преговори со САД за ИНФ и во исто време го задолжи министерот за одбрана Сергеј Шојгу да направи план за неутрализирање на заканата што доаѓа од оружјето поставено во Вселената.

– Следно што ќе направиме е тоа што ќе одговориме со иста мерка. Американските партнери кои објавија дека нема да се придржуваат до Договорот (ИНФ) и ние исто така ќе ја стопираме неговата примена, посочи Путин на средбата со Шојгу и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Путин додаде дека од двајцата министри побарал да не отпочнуваат разговори за иднината на ИНФ.

– Како и досега, нашите предлози на тоа поле остануваат на маса, вратата за разговори е отворена. Во меѓувреме побарав од двајцата министри да не почнуваат разговори за иднината на тоа прашање. Да почекаме да видиме дали нашите партнери станале доволно зрели за да можат со нас да водат правилен и смислен дијалог за тоа прашање, што е клучно и за нас и за нашите партнери и за целиот свет, истакна Путин.

Тој додаде дека Русија нема да поставува ракети со краток и среден дострел во разни региони од светот пред тоа да го направат САД.

Претседателот на Русија потенцира и дека е завршена клучната фаза од тестирањето на подводни дронови со нуклеарно полнење „Посејдон“.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера најави дека САД од денеска ќе ја прекинат примената ИНФ.

Во соопштението од Белата куќа се наведува дека Русија предолго го прекршува ИНФ „без да биде казнета, тајно развивала и поставувала забранети ракетени системи, што претставува директна закана кон нашите сојузници и сили во странство“.

Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека САД „целосно го поддржувале“ Договорот повеќе од 30 години.

– Но, ние нема да останеме ограничени со условите од Договорот, додека Русија лажно ги претставува своите постапки. Не може да бидеме единствена земја во светот која е еднострано обврзана со тој Договор или со било кој друг, порача Трамп.

Москва демантира дека го прекршила Договорот, со кој на двете страни им се забранува поставување ракети со краток и среден дострел во Европа, кои се истрелуваат од копно.

Со ИНФ забранети се крстосувачките ракети лансирани од земја со дострел од 500 до 5.500 километри.

Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел е потпишан во 1987 година од страна на Роналд Реган и Михаил Горбачов.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2019 13:18