Францускиот амбасадор ќе се врати во Рим многу брзо, откако беше повикан на консултации во Париз минатата недела поради недоразбирањата со Италија, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дриан.

– Денеска можам да ви кажам дека нашиот амбасадор ќе се врати многу брзо, изјави Ле Дриан за весникот „Кориере дела Сера“.

Односите меѓу Париз и Рим спаднаа на најниско ниво од крајот на Втората светска војна, кога Франција, минатата недела, го повлече својот амбасадор од Рим, во знак на протест против „неоснованите напади и невообичаени тврдења“ од страна на новите популистички владини лидери на Италија, Луиџи ди Мајо и Матео Салвини.

Ле Дриан рече дека „врската беше прекината“ кога Ди Мајо во Париз се сретна со претставници на „жолтите елеци“, кои протестираат против Владата.

Тој додаде дека вицепремиерот на Италија, кој е и министер за економски развој, „се сретна со тие кои повикаа на вооружено востание“.

Ди Мајо наведе дека се сретнал со „жолтите елеци“ како лидер на движењето „Пет ѕвезди“, а не како министер.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2019 15:15