Mакедонската премиера на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска по неверојатниот успех на Берлинскиот Филмски Фестивал и освоените две награди (престижната наградата на Екуменското жири и наградата на германскиот еснаф на независни киноприкажувачи) ќе ја има македонската премиера на 14 март во кино „Синеплекс“ и на 15 март во кино Милениум во Скопје.

Веднаш по премиерите почнува и редовното кино прикажување во двете кино сали во Скопје и домашната публика ќе ја има привилегијата да биде прва која ќе го погледне овој филм.

Од 30 април почнува и редовната кино дистрибуција на филмот во Франција. Тамошниот дистрибутер „Пирамид“ ќе го дистрибуира филмот низ цела Франција. Исто така, на 1 мај почнува и редовната кино дистрибуција на филмот во Швајцарија, раководена од една од најголемите дистрибутерски куќи „Тригон Филм“, а на истиот датум „Полифилм“ ја почнува и кино дистрибуцијата во Австрија.

Во април филмот ќе биде прикажан на четири фестивали. На 1 април филмот ќе биде прикажан во Јужна Франција на филмскиот фестивал „Д’ Алес“, потоа продолжува на Crossing Europe филмскиот фестивал во Линц.

На првото издание на овој фестивал Теона Стругар Митевска ја освои главната награда со својот првенец „Како Убив Светец“ и сега се враќа како почесен гостин и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе биде прикажан како филм на затворање на фестивалот и од таму тргнува во редовна дистрибуција во Австрија. Следната станица ќе биде Германија, каде филмот ќе го отвори филмскиот фестивал во Оди Источно, Визбаден, а Теона Стругар Митевска ќе биде претседател на главното жири.

Во исто време, филмот ќе биде и во главна конкуренција со уште седум филма од целиот свет на Интернационалниот Филмски Фестивал во Келн, Германија. После успехот и прекрасната реакција на публиката и високите рангирања кај германската и интернационалната филмска критика на Берлинскиот Филмски Фестивал не стивнуваат позитивните впечатоци и интересот и секојдневно од целиот свет пристигнуваат поканите за „Господ постои, името ѝ е Петрунија”, информираат Сестри и брат Митевски продукција.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2019 16:42