Ексклузивната изложба „100 години Требениште“, по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, Археолошкиот музеј на Македонија ќе ја отвори денеска и ќе трае до крајот на август.

Во рамките на изложбата ќе бидат претставени златните маски од 6 век пр. н. е. најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и од Бугарија. Ќе бидат прикажани над 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло.

По претставувањето во Скопје, изложбата ќе гостува и во Софија и во Белград, а потоа и во Европа. Интерес за изложбата има во Париз, Берлин, Виена и во Загреб. Изложбата е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народниот музеј од Белград, Националниот археолошки институт и музеј од Софија и Заводот и музеј од Охрид.

Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и од Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид, со случајниот пронајдок на 20 март 1918 година.

Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија. Содржи детални податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2019 11:57