Народниот музеј од Велес синоќа во Ликовниот салон пред велешката публика претстави 13 графики од 13 уметници кои претставуваат дел од Осмото издание на биеналната изложба насловена како „Кумановски графичари 2018“, а што ја организира ЦентарОТ за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Како што истака Анита Василкова Мидоска в.д. директор на Народниот музеј, која ја отвори изложбата, во суштината на овој проект тлее стремежот да се овозможи континуитет во презентирањето на најновотo графичко творештво од Куманово.
-Она што е една од карактеристиките на ова издание на изложбата, според зборовите на организаторот и координаторот, тоа е можноста што првпат се вклучени и студенти кои се при крај од своето студирање, а кои во своите дела нудат интересни уметнички изрази и решенија. Во својата целост проектот содржи 27 графички листови работени во повеќе графички техники во период од последните неколку години,појасни Василкова Мидоска.
На изложбата се претставени дела на 13 автори кои се репрезенти на оваа изложба и тоа Зоран Јакимовски, Мирослава Цветковиќ, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Милена Арсовска, Валентина Илијевска, Наим Идризи, Симона Јакимовска, Ана Јовановска, Елеонора Накевска, Сандра Симоновска, Марио Стошевски, Дејвид Стоилковски.
-Учеството на овие 13 автори, за кои авторот на проектот Роберт Цветковски, вели дека претставуваат репрезент на моменталната состојба во графичкото творештво на локално ниво мислејќи на Куманово и Кумановско, овозможува широк дијапазон на различни приоди кон овој сегмент на ликовниот израз и токму оваа различност и дава динамика, разиграност и варијабилност на целокупната концепција на изложбата. Несомнено, во своите дела секој уметник поаѓа од сопствената инсирација преточена во сопствениот и личен ликовен ракопис. Во својата креативна патека во создавањето на делото секој од уметниците применува различни техники отворајќи една широка лепеза која поаѓа од класичните графички техники, а која ја заокружува дигиталната технологија односно компјутерската графика која во дигиталното современие зема се поголем замав и тренд кој впрочем постепено зазема приоритетно место особено во оваа сфера на уметноста. Во однос на мотивите несомено преовладува апстратктниот израз иако има и препознатливи реалистични мотиви, понекогаш нагласени со моќта на црно-белата концепција, понекогаш нагласени со јачината на полихроматскиот израз, а понекогаш со едноставноста и стилизираноста која овозможува сопствено толкување и перцепција на гледачот,појасни Василкова Мидоска.