Гостиварската сликарка Елизабета Наумческа го престави нејзиниот последен опус на изложба што беше отоврена синоќа во галеријата на Центарот за култура „АСНОМ“.
Преставени беа 24 дела во акрил и маслени бои на платно и картон за кои сликарката кажа дека се работени во два циклуса – мртва природа и портрети, поврзани со елементи на фолклорот и метални декорации низ делата.
– Елизабета досега повеќе е позната по црковното сликарство со религиозни теми во бројни верски објекти цркви и манастири, но не изостанува и нејзиното профано ликовно творештво. На изложбата се претставува со дела каде што најлесно и најдиректно може да ја изрази својата ликовна филозофија и естетика и во главно се карактеризира со дела реализирани во два циклуса: Мртва природа и портрети, мотиви кои во ликовната уметност се антологиски. Колоритот е со богати тонови кои се реализирани со суптилни прецизни потези, беше речено на отворањето на изложбата.
Елизабета Наумческа е родена 1973 година во Гостивар. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, отсек сликарство, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Остварила две самостојни изложби и учесник е на повеќе колективни изложувања во земјава и странство. Работи како ликовен педагог во Гостивар.