Менаџерот на Челзи, Маурицио Сари, рече дека неговите играчи го достигнале својот „ментален лимит“ по новиот лош резултат. За првпат откако ги презеде „сините“ од Лондон, Италијанецот си дозволи јавно да обвини еден од своите двајцата миленици во составот – Гонзало Игуаин.
Сари настојуваше пред шефовите на лондонскиот тим за привлекување на Аргентинецот, кој – за разлика од тоа на Жоржињо – пристигна дури во јануари. 31-годишниот фудбалер пристигна на изнајмување на „Стемфорд Бриџ“, а во моментот не изгледа многу веројатно дека Челзи ќе преговора со Јувентус за постојан трансфер.
Поразот од Евертон со 2:0 вчера доведе до пад на Челзи на 6-тото место на табелата, а Игуаин повторно не успеа да постигне погодок во седмиот натпревар во дресот на англискиот гигант.
– Ситуацијата е јасна. Не се работи за физички проблем, бидејќи ако тоа беше случај, нивото ќе се намалува постепено, не остро за само една секунда. Тешко е да се објасни промената. До моментов, ова е нашиот лимит. Ако не можеме да играме со постојаност, тогаш имаме голем проблем. Дали Игуаин има потешкотии? Во овој момент да, се разбира. Против Евертон имаше шанса да забележи гол, иако немаше многу ситуации. Тој има капацитет да направи многу повеќе. Имаше проблеми на почетокот на неделата, па затоа беше нормално да се потпреме на него само 65 минути. Тој мора да се подобри и физички и ментално, изјави Сари.
Во Италија за 60-годишниот стратег веќе има гласини дека тој ќе биде отпуштен во следнава недела, кога има пауза во првенствата поради настап на националните тимови.