Европската фудбалска централа започнала истрага за случајот со ѕвездата на Јувентус, Кристијано Роналдо, информираа од централата. Се очекува дека на 21 март Комитетот за дисциплина и етика при УЕФА ќе ја објави својата одлука.

Повод за истрагата стана гестот на Португалецот, по „хет-трикот“ во голот на Атлетико Мадрид (3:0) во осминафиналниот реванш-дуел во Лигата на шампионите. Петкратниот освојувач на „Златната топка“ во пракса сам ги прати „бјанконерите“ во четвртфиналето, а по успехот не ги воздржа емоциите, откако направи гест, кој го насочува вниманието кон гениталиите.

За слични прекршувања правилникот предвидува парична казна или забрана за настап од еден до три натпревари. Претходно во медиумите се појавија информации дека е помалку веројатно Комитетот за дисциплина и етика при УЕФА да ја примени втората казна во случајот.

Гестот на Роналдо е сличен на оној кој го направи тренерот на Атлетико Мадрид – Диего Симеоне – по успехот со 2: 0 против „Старата Дама“ во првиот натпревар од осминафиналето. Тогаш на Аргентинецот му беше наметната глоба во износ од 20.000 евра.

Во меѓувреме, пред неколку дена шпанските медиуми објавија дека Атлетико размислува да поднесе жалба против Роналдо. Барањата на тимот од „Ванда Метрополитано“ беа дека реакцијата на Роналдо биле на нивните навивачи. Покрај тоа, според „јорганџиите“ по третиот гол на поранешниот напаѓач на Реал Мадрид на „Јувентус“ стадионот, фудбалерот се обратил кон приврзаниците на мадриѓаните и ги нарекол „кучкин синови“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2019 13:57