На веб-страницата на мрежата на креативци КреАрт (CreArt – Network of cities for artistic creation) во тек се два повика за резиденција на уметници во Линц и во Скопје.
Повикот за Линц, Австрија, е за избор на двајца уметници кои се родени или се жители на некој од 12-те градови вклучени во мрежата кои во текот на мај ќе имаат можност да работат на своите проекти. Условите и оналајн-аплицирањето се достапни на страницата на КреАрт и треба да се пополнат најдоцна до 25 март.
КреАрт-повикот за едномесечна резиденцијална програма за Скопје е отворен во соработка со Град Скопје и се однесува на двајца уметници – еден локален уметник од Скопје и еден од градовите во мрежата. Резиденцијата ќе се реализира од 20 мај до 20 јуни во Културно-информативниот центар. Организаторот ги покрива патните трошоци и сместувањето, како и средствата за материјалните трошоци. Апликацијата е отворена до 20 април на страницата на КреАрт.
Мрежата КреАрт на 21 март ќе ја одбележи седумгодишнината од Европскиот ден на уметничка креативност. Програмата ќе опфати различни активности – изложби, работилници, содржини за ученици, разговори со уметници…