Со проекцијата на првиот од двата документарни филмови „Враќањето на Бувие“ од драмскиот автор Јордан Плевнеш денеска почна манифестацијата за чествувањето на големиот швајцарски патописен автор од Франкофонијата Никола Бувие, кој во 50-ите години од минатиот век престојувал во Прилеп и го овековечил градот во патеписната книга „Употребата на светот“.
Документарниот филм беше прикажан во прилепското кино „Мис Стон“ пред средношколците кои го изучуваат францускиот јазик од гимназијата „Мирче Ацев“.
До вечер во присуство на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние ќе биде прикажан и вториот документарен филм насловен „Бувот и китот“, на Патриција Платнер, а во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена и изложбата „Патување во слики“ од Никола Бувие. Сето ова е во рамките на месецот на франкофонијата, а во организација на Амбасадата на Швајцарија, Францускиот институт во Скопје со поддршка на Општина Прилеп.
Прилеп ја има и спомен плочата во центарот на градот посветена на Никола Бувие.
Според директорот на Францускиот институт и советник за култура во Француската амбасада Емануел Рембел, ова е многу важен ден.
– Денеска е многу важен ден за мене и за Францускиот институт во Скопје. Го прославуваме Никола Бувие во Прилеп. Бувие е швајцарски франкофонски култен автор. Изразувам голема благодарност до прилепскиот градоначалник Јованоски и до драмскиот автор Јордан Плевнеш што овозможија да се инаугурира спомен-плоча во центарот на градот за Никола Бувие кој при своите патувања во 50-итете години од минатиот век застана и престојуваше 10-ина дена во Прилеп и низ повеќе страници од својата култна книга „Употребата на светот“ го овековечи овој прекрасен град. По тој повод имаме целодневна програма во Прилеп. А доколку беше жив, Никола Бувие овој март ќе наполнеше 90 години. Но благодарение на манифестацијата, на спомен плочата, Бувие е повеќе вечен од кога било, изјави Рембел.
При своите патувања, патописецот Никола Бувие престојувал во Прилеп 1953 година, а потоа втор пат го посетил 1995 година. Според драмскиот автор Плевнеш, Бувие ја овековечил култната реченица „Балканот е срценот на Европа“.