Филмскиот проект „Северниот пол“ на режисерката Марија Апчевска ја доби наградата „Festival International du Film d’ Aubagne“ на 13. „European Short Pitch – Nisi Masa“ и беше еден од трите наградени проекти на сесијата одржана во францускиот град Брест.
-Програмата „European Short Pitch – Nisi Masa“ е престижен настан чија цел е поттикнување европски копродукции, развивање и создавање интернационално признати филмови. Настанот се состои од три дела: работилница за развој на сценариото, онлајн-сесија и копродукциски форум кој ги обединува режисерите, сценаристите и продуцентите на избраните проекти со филмски професионалци од цела Европа, соопшти Агенцијата за филм.
Право на учество имаат земјите членки на Европската Унија и Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Норвешка, Србија и Украина.
Членовите на мрежата Nisi Masa номинираат 40 сценарија од пријавените проекти, по што жирито избира 16 финални проекти. Резидентната работилница за развој е под менторство на реномирани и наградувани сценаристи, режисери и продуценти, по што следи и онлајн-сесија за понатамошен развој.
Во рамките на копродукцискиот форум пак, проектот „Северниот пол“ го претставија сценаристот и режисер Марија Апчевска и продуцентот Роберт Насков од продукцијата „Кино око“.
-Во текот на изминатите години, голем дел од проектите развивани тука биле дел од престижни фестивали, како Кан, Венеција, Берлин и многу други, што дополнително го потврдува значењето и квалитетот на работилницата и форумот, наведува Агенцијата за филм.