Британската премиерка Тереза Меј изјави дека побараното одложување на Брегзит ќе му даде можност на британскиот парламент конечно да ја спроведе волјата на граѓаните за излегување од ЕУ.

– Важно е да ја прифатиме и спроведеме одлуката на британскиот народ за Брегзит. Изминаа три години од референдумот и време е Парламентот да донесе одлука. Краткорочно одложување ќе му даде можност ќе му даде можност на Парламентот да ги спроведе резултатите од референдумот за Брегзит, потенцираше Меј.

Таа, пред пристигнувањето во Брисел на Самитот на ЕУ изрази надеж дека Брегзит ќе се спроведе во една уредена постапка, односно со прифаќање на Договорот за повлекување.

На самитот на ЕУ, кој се одржува денеска и утре во Брисел, според очекувањата, Велика Британија би требало по последен пат да учествува како земја-членка. Главна тема на Самитот е токму Брегзит, кој официјално би требало да почне за осум дена. Но Меј побара одложување до 30 јуни, за што членките на ЕУ ќе треба да донесат едногласна одлука.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека лидерите на ЕУ најверојатно ќе го одобрат барањето на Велика Британија за тримесечно одлагање на Брегзит, под услов британскиот Парламент да го поддржи Договорот што го постигнаа Владата на премиерката Тереза Меј и ЕУ.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан изјави дека неговата земја се противи на одложување доколку ЛОндон не претстави „веродостојна“ стратегија и да објасни зошто бара одложување.

– Франција е подготвена да стави вето на барањето на Велика Британија за одложување на Брегзит доколку Лондон не понуди никаков алтернативен план или, пак, со тоа се загрозуваат институциите на ЕУ, соопшти вчера кабинетот на претседателот Емануел Макрон.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц очекува дека ќе дојде до одложување на Брегзит. Тој вели дека постои подготвеност кај шефовите на влади или држави од ЕУ да овозможат одложување доколку со тоа се спречи „тврд Брегзит“. Тој не исклучува ни вонреден самит следната недела.

Литванската претседателка Далија Грибаускаите рече дека ЕУ ќе направи сè за да ја поддржи британската премиерка, но дека Велика Британија треба да донесе „сериозна и финална одлука“ за Брегзит.

– Ќе одобриме одложување на Брегзит, но временската рамка допрва треба да се разгледа. Бидејќи имаме европски избори, Брегзит би можел да се одложи за мај или подолго, но во тој случај Велика Британија ќе мора да организира избори за европратеници, истакна таа.

Сепак, дел од британските медиуми вчера објавија документ на Европската комисија, според кој пролонгирањето на истапувањето на Велика Британија од ЕУ за 30 јуни ќе доведе до сериозни „законски и политички ризици“.

Според Еврокомисијата, лидерите на ЕУ на Самитот во Брисел, ќе треба да изберат меѓу краткорочно одлагање на Брегзит до 30 мај, како што бара Меј, или подолгорочно – најмалку до крајот на 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2019 15:15