Во осум кафулиња во Скопје денеска се одржува акцијата „Плати со поезија“ организирана со брендот на кафе „Јилиус Мајнл“, традиционално на Светскиот ден на поезијата. Гостите што се напија кафе, го платија со напишани стихови.
Стихотворците беа поддржани од младите поети и писатели: Драгана Ефтимова, Наим Иљази, Стефан Марковски, Ксенија Николова, Љубица Шопова, Ирена Јурчева, Искра Донева, Јован Илиески, Слаѓана Атанасова, Исток Улчар, Наталија Наумовска, Перо Сарџоски, Арлинда Бафтиу, Катерина Гогова, Виолета Сековска, Славица Гаџова Свидерска, Михајло Свидерски и Никодин Чернодримски.
-Тие беа охрабрени да ги остават и своите телефони, да се свртат околу себе да уживаат во животот и кафето, велат организаторите на акцијата која годинава се одржува во 40 држави.
Оваа година сите што ќе напишат песна или поема влегуваат во меѓународната наградна игра на Јулиус Мајнл, а само шестмина од цел свет ќе го запознаат младиот англиски пејач и текстописец Том Одел на неговиот концерт во Глазгов на 1 јуни 2019 година.
Учесниците во наградната игра треба да напишат песна, да ја сликаат и да ја објават на Инстаграм со хаштагот #PayWithaPoem.
Светскиот ден на поезијата денеска го одбележаа и Македонскиот ПЕН–центар и НУБ „Св. Климент Охридски“ со поетско читање на кое учествуваа познати поети, како Зоран Анчевски, Весна Ацевска, Михаил Ренџов, Санде Стојчески, Јовица Тасевски-Етернијан, Катица Ќулавкова, Иван Џепароски…
Светскиот ден на поезијата е востановен во 1999 година од УНЕСКО и Меѓународниот ПЕН-центар, со цел преку промовирање на поетското творештво да ги афирмира различните светски јазици, особено загрозените.