Францускиот институт – Скопје денеска на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ организира предавање за патописната книжевност со новинарот и писател Жан-Лук Коаталем и библиотекарот и историчар Рони Демеснер од Франција.

Покрај предавањето „Сегален и Рембо, вкрстени портрети“, во холот на факултетот ќе биде отворена и изложбата „Патување во слики“ на швајцарскиот писател и патописец Никола Бувие, за што за оваа пригода се отстапени документи од библиотеката во Женева.

Предавањето и изложбата се дел од серијата настани за одбележување на Франкофонијата, а годинава посветени на делото на Бувие. Се организира во соработка со Амбасадата на Швајцарија и Филолошкиот факултет на УКИМ.

Писателот и новинар со потекло од Бретања, Жан-Лук Коаталем, пишува за различни списанија на тема патувања. Овој патописец ги има објавено расказите „Мисијата во Парагвај“ и „Патување во Виетнам“, како и комичните романи „Капетан“ и „Синот на факирот“.

Вториот предавач гостин од Франција, Рони Демеснер, е библиотекар и историчар, кој соработува со неколку списанија. Пет години анимира книжевни средби во Bozar.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2019 07:45