Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска пристигна во Либан, во момент кога регионот остро ја критикува изјавата на претседателот Доналд Трамп дека е време САД да го признаат израелскиот суверенитет над окупираните територии на Голанска Висорамнина.

Со оглед на тоа дека Либан технички е во војна со Израел и таа земја забранува директни летови од Тел Авив, Помпео пристигна во Бејрут преку кипарскиот воздушен простор.

Помпео, за време на дводневната посета, ќе се состане со либански функционери, вклучувајќи ги и сојузниците на милитантната група Хезболах, која ја поддржува Иран.

Посетата е последниот дел од турнејата на Блискиот Исток, во текот на која ги посети Кувајт и Израел.

За време на посетата на Тел Авив, Помпео ја пофали соработката со Израел, а се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во најмалку три одделни прилики и вети дека ќе го зголеми притисокот врз Иран.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2019 14:14