Индиските државјани Нитин и Четан Сандесара, кои властите на Индија ги товарат за кражба и перење на 725 милиони долари, започнале бизниси во Албанија, па дури и граделе објекти во јужниот дел на земјата.

Двајцата браќа Сандесара, кои биле сопственици на фармацевтската компанија „Стерлинг Биотек“, во периодот од 2008 до 2011 година земале над 725 милиони долари кредити од неколку државни банки во Индија, кои „исчезнале“ преку мрежа од 300 оф-шор компании што тие ги отвориле.

Како што објави тиранската телевизија Ора њуз, скандалот бил обелоденет во јануари минатата година кога индиската Агенција за економски криминал го уапсила директорот на најголемата банка во Индија, „Андра банка, која им одобрила кредит на браќата Сандесара. Во исто време, индиските власти ги блокирале имотите на компанијата „Стерлинг Биотек“, која влегла во стечаен процес.

Но, двајцата браќа Сандерсара тогаш побегнале од Индија и индиските власти до неодамна верувале дека тие заминале за Нигерија, а потоа и за Обединетите Арапски Емирати, земји со кои Њу Делхи нема договори за екстрадиција.

– Додека индиските власти трагале по нив, двајцата браќа Сандесара „се вдомиле“ во Албанија. На 6 февруари минатата година, кога веќе по нив била распишана меѓународна потерница, тие добиле албанско државјанство, со што не може да бидат екстрадирани од Албанија во нивната земја, наведува телевизијата.

Со доаѓањето во Албанија на крајот на 2017 година, Нитин и Четан Сандесара формирале две компании во градежниот сектор – „Тујла Риал Естејт“ и „Лаксми Реал Естејт“, кои биле активни посебно во јужниот дел на земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2019 16:09