Во пресрет на Самитот ЕУ-Кина, што ќе се одржи на 9 април, лидерите на земјите членки на Унијата денеска разговараа за новата стратегија кон азискиот гигант и бара порамноправни економски односи.

Шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија денеска дискутираа за новата стратегија, поднесена од страна на Европската комисија пред неколку дена, во која Кина се идентификува како „партнер“, но и како „ривал и конкурент“.

– Имаме добри односи, но не и одлични, Кина е конкурент, партнер и ривал и ние треба да се прилагодиме на овој нов факт во меѓународните односи, изјави попладнево шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по завршувањето на дводневниот европски Самит.

Европската Унија смета дека односите со Кина се „асиметрични“ и дека во вакви услови не постои можност за градење на стабилно партнерство.

– Во голема мера остануваме исклучени од кинеските јавни набавки, треба да можеме да го правиме истото што Кина го прави кај нас, потенцираше Јункер.

Европската Унија смета дека кинескиот пазар останува премногу затворен и под контрола на државата, што креира длабока неурамнотеженост во трговските односи и нефер услови на конкурентност.

– Бараме трговската размена да бидат втемелена врз вистински реципроцитет, таму каде што има вистинска отвореност на пазарите, тоа да биде двострано, истакна белгискиот премиер Шарл Мишел, чија земја е една од европските држави кои најмногу се соочуваат со масовни кинески инвестиции, посебно во дигиталната сфера.

Во тој контекст, Европската Унија смета дека треба да воведе скрининг на кинеските инвестиции. На маса е и прашањето за развојот на 5Г технологијата, област во која Пекинг е посебно агресивен. Неколку западни земји веќе одлучија или размислуваат да не им дадат пристап до своите инфраструктури на Кинезите.

Европската комисија треба во наредните две недели да објави извештај за безбедноста на 5Г мрежата, тема што несомнено ќе биде на масата на лидерите за време на самитот со Кина.

Дискусијата за односите со Кина требаше да се одржи вчера, но поради преговорите за Брегзит, дебатата беше одложена за денеска.

Дипломатите во Советот коментираат денеска дека ова е уште еден сигнал до кој степен кризата со Велика Британија троши енергија и ресурси кои ЕУ треба да ги посвети на други крупни стратешки прашања.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2019 17:25