Пожарот со кој беше зафатена борова шума во близина на велешкото село Караслари денеска напладне е изгаснат. Во гаснењето учествуваа пожарникари од Велес, вработени од шумското стопанство „Бабуна“ и од Шумската подружница од Свети Николе, а беа вклучени и два авиони „канадер“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Командирот од Противпожарната бригада во Велес, Љупчо Лепидовски за МИА изјави дека со пожарот биле зафатени околу 40 хетари квалитетна борова шума.

– Поради опасноста повторно да избувне, нашата Противпожарна единица се уште е на терен, а тука со нас е и екипа од ШС „Бабуна“. Тие ќе останат на терен поради контрола на опожарениот терен, рече Липидовски.

Покрај овој пожар, синоќа околу 17:30 часот бил изгаснат и пожарот кај селото Крива Круша каде горела нискостеблеста дабова шума на површина од околу два хектара.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2019 13:41