На градскиот стадион во Виница денеска се одржаа традиционалните Тодорови трки на кои учествуваа над илјада учесници од предучилишна возраст до пензионери.

Организатор на манифестацијата е локалната самоуправа на Виница со поддршка од стопанскиот сектор од регионот, а учесниците на трките се натпреваруваа во десет дисциплини во повеќе возрасни категории.

-Иако трките традиционално се поврзани и се одржуваат за празникот Тодорова сабота, годинава поради обврските што минатиот викенд ги имаа учениците, настанот го поместивме за една недела подоцна. Голем интерес имаше за сите дисциплини, а покрај натпшреварите во трчање и возење велосипед, како најатрактивни за публиката беа трчањето во вреќа, пренесување јајце во лажица, трчање со врзани очи, трчање со патерици и секако трката со коњи. За победниците во секоја категорија обезбедивме вредни награди како донација од приватните компании во Виница и Кочани, истакна Ристо Георгиевски, член на организацискиот одбор.

Во рамки на манифестацијата се одржа богата забавна програма со музички и балетски точки на ученици од деветолетките, како и со настап на локален бенд, а учествуваа и жените од здружението „Златно доба“.

Годинава, трките ќе имаат и хумана мисија во која волонтерите на Црвен крст организираа акција за донација и помош на виничанката Лозена Анастасова, лице со телесен инвалидитет, која неодамна во сообраќајна незгода се здоби со тешки телесни повреди и е речиси неподвижна. Собраните средствата се наменети за соодветна грижа и нејзино лекување.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2019 13:52