Граѓаните од зграда број 84 од булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово денеска мирно протестираа поради поставување на столбови, проект што го спроведува општината.

Тие велат дека немаат каде да ги паркираат своите автомобили, бидејќи зградата нема простор за паркирање. Станарите побараа од општината да им обезбеди паркинг место, бидејќи околу нив има и други згради, некои во фаза на изградба. Велат дека за поставувањето на столбовите не биле информирани. Додека работниците од ангажираната компанија ги поставуваа столбовите, дел од паркираните возила беа отстранети со пајак возило, што дополнително ги револтираше станарите. И полицијата беше на терен.

– Нема каде да ги паркираме автомобилите, не сме против да се постават столбови и да се обезбеди простор да се движат пешаците и велосипедистите, но, сепак и ние сме купиле станови и секако дека ни се потребни паркинг места. Зградата е направена без паркинг простор, изјавија дел од станарите.

Жителите на овие згради велат дека со овие столбови се заградува и приодот кон зградата, а најавија и дека ќе поднесат тужба.

Од општината, почнаа со проектот поставување на столпчиња како дел од мерките за ослободување на тротоарите од автомобили, во рамки на проектот „нулта толеранција за узурпација“. Вчера и дел од дуќанџиите лоцирани на булеварот реагираа, бидејќи немаат можност да ја донесат и однесат робата. Дел од граѓаните кои пазарат во супермаркетите застануваат на едната коловозна лента од булеварот.

Одговорното лице за спроведување на овој проект од општина Куманово, Бојан Петковски, посочи дека граѓаните навремено се информирани за овој проект, преку медиумите, и оти на овој начин ќе се обезбеди слободно движење за пешаците и велосипедистите, бидејќи на булеварот веќе има велосипедска лента.

– Врз основа на одобрениот сообраќаен проект за трајна измена на сообраќаен режим со поставување на столпчиња за разделување на велосипедскиот и пешачкиот од моторниот сообраќај на булеварот „Октомвриска револуција“, согласност за основниот проект издадена од СВР Куманово и решение издадено од Општина Куманово го реализираме поставувањето на столпчињата. За поставувањето јавноста навреме беше информирана со предупредување да не ги оставаат возилата на булеварот каде се поставува овој вид сообраќајна опрема. Поради овие факти СВР-Куманово има обврска да ги отстрани возилата, се вели во писмената изјава на Петковски.

Поставувањето на столбовите почна пред две недели, најпрво на булеварот од страната на Градскиот кеј.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2019 16:12