Во Галеријата на МКЦ вечерва ќе биде отворена изложба на фотографии од Дејан Колевски и Кирил Пенушлиски насловена „Andalucia“.

На изложбата ќе бидат претставени четириесетина уметнички фотографии на двајцата современи македонски фотографи направени во градовите Кордоба, Севиља, Гранада, Гарзамела, Кадиз и Ронда, каде што авторите имаа студиски престој во периодот октомври – ноември 2017 година.

Прикажувајќи ги луѓето, обичаите, природните убавини, културните споменици и архитектурата низ призмата на своите апарати, Колевски и Пенушлиски нудат уметничко толкување на идентитетот на овој регион на Шпанија.

Дејан Колевски e мајстор на фотографијата, кој има повеќе самостојни изложби, меѓу кои и изложба во Националната галерија на Македонија во Скопје. Во неговите фотографии централно место зазема човекот, прикажан во урбана средина. Во оваа серија тој прикажува најразлични сцени од секојдневното живеење.

Кирил Пенушлиски е фотограф, кој аматерски се занимава со фотографија од 1994 година. Пенушлиски верува дека помалку информации ѝ овозможуваат на фантазијата повеќе да работи, па затоа во неговите фотографии деталната и верната дескрипција е заменета со сугестија. Andalusia е негова прва самостојна изложба.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2019 15:57