Израелските вооружени сили соопштија дека почнале да напаѓаат терористички цели во Појасот Газа, јавија израелските медиуми.

До нападите доаѓа откако седум лица беа повредени рано изутрина кога куќа во центарот на Израел беше погодена од ракета истрелана од Појасот Газа, поради што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го скрати престојот во Вашингтон и се врати во Израел порано од предвиденото.

Локалните општини во близина на границата со Газа ги отворија скривниците по нападите од Израел.

Израелските вооружени сили соопштија дека ракетата што погодила куќа во општината Мишмерет била истрелана од позиција на Хамас во близина на Рафа, во јужниот дел на Газа, на растојание од околу 120 километри. Израелската армија тврди дека ракетата била произведена од радикалната исламистичка палестинска група.

Палестинското движење Хамас демантира дека во текот на ноќта од Појасот Газа извело ракетен напад против Израел, во кој беа повредени седум лица.

-Никој од движењето на отпорот, вклучително и Хамас нема интерес да истрелува ракети од Газа против непријателот, посочи неименуван висок претставник на исламското движење, пренесуваат западните медиуми.

Израелската војска испрати две пешадиски бригади и оклопни единици во јужниот дел на Израел и се подготвува да мобилизира илјадници резервисти, вклучително и команданти за противвоздушна одбрана, разузнавачки служби и команданти на фронтот.

Израелската војска не ги издаде вообичаените формални наредби за итно повикување на резервистите, туку побара мобилизација во случај на значителна ескалација. Ова е прв пат во последните години израелските вооружени сили да преземат таков чекор.

Израел, исто така, ги затвори граничните премини Ерец и Карем Шалом во Појасот Газа.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2019 20:29