Кина сака да се спротивстави на критиките со воспоставување „нов светски информативен поредок“, кој ќе претставува закана за слободата на печатот во глобални рамки, се наведува во извештај на организацијата „Репортери без граници“.
Според организацијата, кинеските власти стриктно го контролираат текот на информации за своите граѓани, преку „голем заштитен ѕид“, кој го блокира пристапот до веб страници со содржини што се сметаат несоодветни за државата.
– Регулирањето на информациите не е ограничено само на Кина, туку Пекинг се обидува да ги „извезува“ методите на цензура и во други земји. Преку своите амбасади и мрежата од институти „Конфучие“, кои ги шират кинеската култура и јазик, Кина се обидува да наметне свој „политички коректен јазик“. Целта е да се прикријат мрачните поглавја на кинеската историја, се наведува во извештајот.
Според „Репортери без граници“, методите на Пекинг за зголемување на влијанието надвор од границите на Кина вклучуваат „делење на пари за модернизација на глобалниот телевизиски етер, закуп на огромни простори за реклама во меѓународните медиуми и покани за новинари од целиот свет за посета на Кина со целосно платени трошоци“.
Во извештајот се посочува дека Кина ја користи „политиката на тројански коњ“ со тоа што редовно закупува рекламен простор во големи весници, како „Волстрит Џурнал“, „Фигаро“ и „Дејли Телеграф“.
– Новиот светски информативен поредок што кинеските власти го популаризираат ширум светот, е насочен против новинарството, изјави претставникот на Бирото на „Репортери без граници“ за Источна Азија, Седерик Алвијани.
Пекинг веднаш реагираше на извештајот, со изјава на портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг, кој оцени дека документот „целосно не е во согласност на фактите, што не вреди ни да биде демантиран“.
Генг при тоа ја обвини организацијата „Репортери без граници“ дека „има предрасуди кон Кина“.