Во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“, издавачката куќа „Готен“ вечер од 20 часот во книжарницата „Антолог“ ќе организира книжевен разговор со писателот Мехмет Јашин од Кипар, кој овој месец е гостин на резиденцијалната програма за писатели на „Готен“.
Мехмет Јашин објавил десет поетски книги, три романи, три збирки есеи и три антологии и книжевни студии за кипарската поезија. Неговите книги имаат одиграно важна улога во редефинирањето на книжевната традиција на Кипар и Турција. Тој е познат како една од водечките фигури на поезијата на Кипар по 1974 година и на турската поезија по крајот на 1980-тите години.
-Мехмет Јашин е еден од необичните автори на современата литература од Кипар. Се смета дека неговите песни, романи и есеи се дел од литературата на Кипар и Грција заедно со литературата на Турција. Спецификата што ја внесува во поезијата на турски јазик се базира врз неговите хибридни литературни извори, комбинацијата на турските и на грчките култури на Медитеранот, како и во користењето на различни историски и географски елементи на турскиот јазик, соопшти „Готен“ за кипарскиот автор чии дела се преведени на повеќе од 20 јазици.
Разговорот со Јашин ќе го води Владимир Јанковски. Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.