Во НУ„Завод и Музеј Струмица“ неколку илјади артефакти стојат необработени и незаштитени. Според раководството на институцијата причина за ваквата состојба е немањето доволно конзерватори.

Од установата велат дека подолго време работат само со еден конзерватор, чија специјалност е керамиката.

-Дел од наодите кои ги добиваме од истражувањата на археолошките локалитети во регионот често ги обработувме благодарение на надворешени соработници, но тоа не e трајно решение, бидејќи проблемот со малиот број конзерватори е присутен на ниво на цела држава, вели Ацо Манински, директор на „Завод и Музеј Струмица“.

Додава дека најголем дел од постоечките конзерватори се пред пензија, а се повеќе се наметнува потребата наодите да бидат заштитени.

-Потреба за конзервација имаат и сите фрески и икони што ги имаме по струмичките цркви. Ние имаме фрески и икони стари по стотина-двеста години кои се оставени на забот на времето, додаде директорот на „Завод и Музеј Струмица“, Ацо Манински.

Според него едно од можните решенија е отворање на посебен конзерваторски центар со депо за сите откриени артефакти. Информира дека ја добиле зградата на Архивот во Струмица, кој треба да се пресели на друго место и во овој објект треба да биде сместено комплетно конзерваторско одделение и индок центар за дигитализација на историското и културното наследство од регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2019 15:54