Во вториот викенд од наредниот месец (13 и 14 април) во Музејот на современа уметност ќе се одржи прв меѓународен фестивал на детска литература и илустрација „Литера 2019“, на кој покрај македонски автори ќе има и гости од Србија, Хрватска и Грција.

Ќе бидат организирани работилници за најмладите посетители и дебати на актуелни прашања, како: местото на книгата во дигиталниот свет, улогата на литературата за деца во интелектуалниот и емотивниот развој на најмладите итн.

Ќе бидат презентирани повеќе домашни и странски изданија и ќе учествуваат издавачки куќи кои посветено работат во оваа сфера. Ќе има и ретроспективната изложба на илустрации за деца од македонски автори.

Иницијаторката и организаторка на фестивалот, Софија Семенпеева, вели дека идејата им била да им овозможат на децата возбудливо патување во свет полн со бои, топлина, искрени насмевки, многу радост и емоции.

-Веруваме дека ваков настан му е потребен на градот и затоа го организираме со многу ентузијазам и посветеност. Се разбира, една од главните цели е популаризација на квалитетната детска литература и подигнување на свеста за нејзината важност во целокупниот процес на раст и развој на децата, додава Семенпеева.

На двата фестивалски дена влезот ќе биде бесплатен за сите посетители.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2019 16:01