Кумановскиот театар, по повод 27 април Светскиот ден на театарот утре ќе ја изведе преставата „Мојата ти“, а влезот за публиката ќе биде слободен, најавија, денеска, надлежните од Националната установа Центар за култура Куманово.

Почетокот на преставата е закажан за 20 часот. Пред публиката ќе бидат прочитани светската и македонската порака од светскиот театарски режисер и драмски автор Карлос Селдран и македонскиот драмски автор Југослав Петровски.

Во претставата „Мојата ти“ работена по текст на Олга Димитријевиќ, во режија на Драгана Милошевски Попова, играат Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Сања Русеска, Марко Трајковиќ и Владанка Димковска.

Годинава, кумановскиот театар ќе подготви пет претстави со поддршка на Министерството за култура и две со сопствени средства. Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски, информираше дека до крајот на годината ќе продуцираат уште една детска претстава, охрабрени од големиот успех на „Малата сирена“ и уште една комедија по повод „Денови на комедија“ и 500-тини години Куманово.

– Куманово е град на култура и планираме од финансиските средства што се одобрени да ја подготвиме претставата „Ленче кумановче“ која ќе ја играат актерите од кумановскиот театар и таа ќе биде прикажана на отворањето или на затворањето на фестивалот Денови на комедија-изјави Тодорвски.

Тој нагласува дека кумановската публика редовно ги посетува претставите и дека посететеноста се движи од 80 до 100 проценти исполнет капацитет на салата во кумановскиот тетатар.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2019 16:35