Долгометражниот игран филм „Незаборавна пролет во заборавено село“ е прифатен во официјална селекција на Московскиот меѓународен филмски фестивал без да биде во компетициска конкуренција.

Како што соопштија од Меѓународниот театарси фестивал „Скупи“, ова е голем успех на режисерот Куштрим Бектеши, кој со дебитантски филм успеа да влезе во официјална селекција на фестивал од А категорија и претставува продолжение на неговата успешна кариера. Тој досега беше познат по неговата успешна домашна и меѓународна кариера како театарски режисер, кој бил многу пати наградуван.

Филмот е продукција на Мануфактура продукција (Македонија) со продуцент Сашо Павловски, во копродукција со Медиа&Филм Продукција (Косово) со продуцент Мумин Јашари, Ска-ндал Продукција (Албанија) со продуцент Генц Пермети, и Скупифестивал (Македонија) со продуценти Музбајдин Ќамили и Осман Ахмети. Филмот финансиски е подржан од Агенцијата за филм и Центарот за кинематографија на Косово, Националниот центар за кинематографија на Албанија, Радиотелевизија на Косово, Македонска радиотелевизија 2 и Радиотелевизија на Албанија.

Во филмот се вклучени голем број на актери од Македонија, Косово, Албанија и Бугарија.

Премиерата на филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“ е на 29 март во Синеплекс во Скопје, а наскоро и во другите градови.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2019 17:59