„Матица македонска“ денеска промовираше две драми од академик Витомир Митевски, кој е научник во областа на класичните студии и античката филозофија. „Плениците на Сатанаил“ и „Прличев – сценски приказ на поетовата судбина“ се негови единствени драмски дела кои ги напишал пред повеќе од 40 години.

Промоторите Блаже Миневски и Паскал Гилевски истакнаа дека иако Митевски ги пишувал во своите 20-ти години, двете драми го претставуваат како зрел драмски автор и дека во изминатите децении тој требало да ги понуди за сценска изведба.

Драмата „Плениците на Сатанаил“, првпат објавена пред пет години по повод илјада години од пропаѓањето на Самоиловото царство, раскажува за богомилството во времето на Цар Самоил и го обработува филозофскиот проблем на злото во светот и нашиот однос кон него. Според една реплика во книгата, промоторот Миневски ја нарече „драма за добиените војни кои чинат повеќе од изгубените“.

Поентата на книгата е во завршниот монолог на Самоил, дека само стремежот кон доброто е она што навистина е наше: „Борбата за доброто ни е дадена како најголемо добро. Оној што се бори и сиот живот се стреми кон доброто, тој ја постигнал својата цел“.

-Драмата е динамичен мозаик од настани кои се случуваат во и околу Самоил во клучните години на неговото владеење…Главната нишка на приказната минува низ вечната борба меѓу доброто и злото односно што е добро, а што е зло, и како официјалната верска практика и алтернативното духовно движење ги објаснуваат принципите на верата и вербата, рече Миневски.

Претставувајќи ја драмата за Прличев, која Митевски ја напишал, главно, врз основа на мотиви од Автобиографијата на охридскиот преродбеник, промоторот Паскал Гилевски рече дека е убаво литературно изненадување од повеќе аспекти.

-Ненадејно откритие – прво затоа што делото е напишано во 1976/1977 година, а е објавено минатата година, а второ бидејќи е напишано мајсторски – и во содржински, и во стилски поглед, што зборува за автор кој одлично ја познава технологијата на драматургијата, со одлично водење на дрмаското дејство, пред сè со природните, одлични дијалози, рече Гилевски.

-Драмите ги пишував за себе. Никогаш не ги понудив за сцена, рече авторот Витомир Митевски, кој дипломирал филозофија и класични студии, а докторирал за поезијата на Прличев и Хомер.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2019 14:40