Со претставата „Островот на скриеното богатство” на аматерскиот театар „Чекори“, минатата година на овој ден официјално почна да работи Домот на културата „Димитар Влахов“ во населбата Автокоманда и стана центар на културните случувања во општината Гази Баба.

Петко Костовски, задолжен за одржување на центарот, изјави дека тој е значаен за развојот на културата во општината. Домот, вели тој, постои од 1949 година кога е изграден од граѓаните на Автокоманда и Општина Гази Баба.

-По пауза од неколку декади, повторно има најразлични културни настани кои ја збогатуваат културната програма во општината, настани кои ја опфаќаат целата лепеза на културни потреби на граѓаните. Особено е значајно дека во изминатиот период Општина Гази Баба, заедно со волонтерскиот труд на членовите на театар „Чекори“, го доопремија домот со најсовремена техника и беше уреден ентериерот, рече Костовски.

Домот е изграден во 2018 година на местото на старите и руинирани бараки, преку јавно-приватно партнерство меѓу општина Гази Баба и француската компанија „Феимс“. Се простира на 543 квадратни метри, има библиотека, мултимедијална сала за културни и деловни настани со капацитет до 150 луѓе, а уредени се и помошните простории, како и просторот пред домот.

Градоначалникот Борис Георгиевски изјави дека е среќен што повторно во функција на граѓаните се врати домот „Димитар Влахов”. – Тие добиваат катче за културни настани уредено по светски стандарди. Овој простор им стои на располагање на сите кои имаат потреба. По истиот принцип ќе бидат обновени и останатите домови на културата на целата територија на општина Гази Баба, рече Георгиевски.

По повод Светскиот ден на театарот, „Чекори“ денеска премиерно ќе ја изведе претставата „Ние”.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2019 15:52