Преку обезбедување на сеопфатен систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, ќе се овозможи подобро управување со јавните средства, поголема отчетност и ефикасност во нивното трошење, беше заклучено на денешната конференција во Министерството за финансии.

Имено, на конференцијата пред претставници на Европската комисија, ОЕЦД и СИГМА, беше презентирана „Политиката за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор“, односно стратегијата за идниот развој на јавната внатрешна финансиска контрола.

– Со секоја реформа вообичаено се поставува прашањето за користа од она што се презема. Во конкретниов случај, станува збор за неколку исклучително важни работи: поуспешно, поефикасно и поодговорно трошење на парите од буџетот на државно и на локално ниво, стратешко планирање на финансиите, поквалитетни контролни механизми, сузбивање евентуални неправилности во користењето на јавните финансии, зголемување на транспарентноста и отчетноста, нагласи министерот за финансии Драган Тевдовски.

Посочи дека јавната внатрешна финансиска контрола е дел од идните преговори со Европската Унија.

– Тоа поглавје, според искуството на некои од земјите од регионот, е меѓу посложените во однос на усогласување со меѓународните стандарди и најдобрите практики на ЕУ. Меѓутоа, нашата земја досега има спроведено неколку твининг проекти за јавната внатрешна финансиска контрола, така што очекувам дека подготвено ќе ги дочекаме преговорите, истакна Тевдовски.

Наведе дека земјата сега има сеопфатна национална стратегија како внатрешната контрола треба да се спроведува во јавната администрација.

– Претстојните реформи, без сомение, ќе придонесат за потранспарентно и отчетно носење на одлуките и поефикасно трошење на јавните пари, рече Рејмонд Хил, тим лидер за јавна внатрешна финансиска контрола во Генералниот директорат за буџет во Европската комисија.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 14:15