Арбитражата во изминатата година го постигна европскиот просек во бројот на предмети во решавањето на споровите и единствено ни недостасува Владата и јавно приватните партнерства да ја стават клаузулата за решавање на евентуалните спорови преку Арбитражниот суд во своите договори.

Ова го порача претседателот на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, Горан Рафајловски пред свеченото отворање на меѓународна арбитражна конференција „Преку унапредување на арбитражното законодавство до подобро деловно опкружување“ што се одржа во Стопанската комора со поддршка на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) и Амбасадата на Швајцарија во земјава.

Со арбитража, како што кажа, веќе се решаваат пет проценти од вкупните спорови во земјава што е европско ниво.

-Ние сме на почетоците на разбирање што е арбитража и тоа што кај нас ќе биде пресудено ќе донесе иднина или верба во правосудниот систем во Македонија и стопанствениците повеќе нема да претпоставуваат како и на кој начин ќе им биде решен спорот, туку оној момент кога ќе биде поставен на маса веќе однапред ќе го знаат исходот, бидејќи ќе се знаат податоците и документите, рече Рафајловски и додаде дека арбитражните пресуди се извршни во земјава, но и во странство и посочи дека согласно меѓународната конвенција нивните одлуки се конечни и нема право никој даги оспори доколку не се формално погрешени.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека арбитражата е еден од начините на кој може поефикасно, подобро и побрзо да се решат споровите помеѓу компаниите, но и меѓу приватните компании и јавните институции и додаде дека Владата ја поддржува арбитражата како процес на решавање на споровите меѓу стопанските субјекти заради предностите пред редовните судови.

-Секаде во светот арбитражните постапки се тие кои во главно ги решаваат споровите меѓу стопанските субјекти. Цениме дека има многу простор за подобрување на ова поле во нашата држава и ја поздравуваме инцијативата што во рамките на Стопанската комора на Македонија е направена арбитражна комисија за решавање на вакви спорови. Компаниите треба да го препознаат тоа како можност за флексибилно и брзо решавање на споровите и мислиме дека е начин на кој развиениот свет ги решава споровите, рече Анѓушев.

Тој нагласи дека судските спорови меѓу компаниите траат со години, а честопати има второстепени пресуди што се различни од првостепените по што следат третостепени пресуди, управни постапки,…, а во арбитражните постапки, посочи, се се одвива во еден степен и двете страни се обврзуваат дека ќе ја почитуваат пресудата на арбитражниот суд заради што се пократки и поефикасни.

-Потребно е само реномето на арбитражниот суд да биде високо за компаниите да го користат. Во светот има арбитражни судови кои имаат сериозно реноме како што се Швајцарскиот, Парискиот, Виенскиот, Арбитражниот суд во Вашингтон,… Капацитетите на нашиот арбитражен суд треба да се јакнат во две насоки. Првата е знаењето во домашната економија за процесот на арбитража, а втората е јакнењето на капацитетот на арбитражниот суд, односно неговата независност и непристрасност за компаниите да му веруваат што е можно повеќе, потенцира Анѓушев и додаде дека Владата во многу свои договори ги има ставено арбитражните судови како судови на кои ќе им бидат доверени евентуалните спорови.

Како пример ги посочи споровите со ЕВН, ОКТА и Свислион.

-Разгледуваме можност во некои од договорите што ќе ги правиме, посебно во делот на јавните приватни партнерства во кои има вклучено и домашни компании, да се стави клаузула дека Арбитражниот суд при Стопанската комора на Македонија ќе биде телото што ќе ги решава евентуалните спорови кои би можеле да настанат, појасни Анѓушев.

Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада порача дека нејзината земја многу сериозно ја сфаќа арбитражата.

-Швајцарија има големо искуство во арбитражата и многу често се избра како локација каде се одржуваат меѓународните арбитражни спорови. Во последните 100 години Швајцарија била домаќин на многу вакви разрешувања на спорови и е вистински пример во свето, потенцира амбасадорката.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 14:34