Вечерва со почеток во 19 часот и 30 минути во Јавна соба, Скопје, ќе се одржи Меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крикот на жената“ – WomanScream(Grito де Mujer), ширум светот познат како интернационално движење на жени-поети.

Овој фестивал претставува светски синџир на настани, прослави во текот на целиот месец март.

Национални координаторки на фестивалот во Република Северна Македонија се поетесите Оливера Доцевска и Елена Пренџова со поддршка на организацијата „Јустиција“, заедно со координаторки и координатори од други држави во светот.

-Поетеси и поети, уметници и организации од различни земји месецов волонтираат во чест на правата на жените и испраќаат пораки на самодоверба, почит, зајакнувајќи го гласот на јавноста против насилство врз жените, изјави Доцевска.

Секоја година фестивалот има свое мото, а годинава меѓународното мото на фестивалот е: „Врескам во свое име“.

– Оваа година како дел од мултимедијалниот фестивал на доброволна основа ќе се потпише симболична декларација со силна порака на истата тема од уметниците, поддржувачките и подржувачите, соработничките и соработниците и гостинките и гостите на настанот, а ние ќе ја доставиме до надлежните органи, рече Пренџова.

Годинашни учесници на настанот се: Џаел Урибе, мајка на фестивалот, која ќе има видео обраќање, Центар за обука ЕВА со професорките и професори по музика: Ѓорѓи Миладиновски, Билјана Камчева и Марија Наумовска и ученикот Ерин Селим, режисерката Марија Џиџева, која ќе претстави краткометражен игран филм, Дарија Андовска, композиторка, Ивана Балабанова – кореографка,настап со балетски преформанс,актерката Јасмина Билаловиќ ќе чита извадок од драмски текст, Марта Арсовска и Коста Андонов настапуваат со танцов перформанс, руеда и салса, слемерите Кристиан Кожељ од Словенија, Симоне Саво од Италија, Бејли Кесл од САД – со видео обраќање, поетите и поетеси: Маја Мојсова, Сандра Авросиевска, Ирена Белешковска, Д. А. Лори, Ана Љубиќ, Славица Дабевска Кировска, Марина Мијаковска, Перо Сарџоски, Стојан Тарапуза, поп–пејачките Мери Младеновска, Мартија, Валентина Ѓоргиевска Парго, ќе има ревија на модните дизајнерки Моника Блажевска, Александра Јовановска, Сара Реџиќ, изложба на уметниците Тони и Еми Тоциновски, Кристијан Бошков, Гордана Винчич, Игор Љубовчевски, архитектката Екатерина Намичева, а изложба на накит ќе има Мирјана Атанасовска.

Организаторите истакнаа дека настанот не е во прилог на радикалните верувања ниту тенденции против мажите. Со посебен пиетет се прифаќа поддршката и соработка од страна на мажите на каузата која ја застапува овој фестивал.

Фестивалот секоја година се организира на волонтерска основа со поддршка на донатори, организации и бизнис сектор. Водител на настанот е младата поетеса Ана Љубиќ, а медиумски покровител „Лица и дела“.

Фестивалот „Крикот на жената“се организира во повеќе од 50 земји во светот, од 2011 година, со повеќе од 600 успешни координирани настани и успешно помага во промовирање на меѓународно ниво на поезијата, поети, поетски групи, на уметници и поединци кои учествуваат на различни јазици, како начин да се возврати за слободниот придонес кој го даваат на ова цел, рече поетесата Елена Пренџова, организатор на настанот.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 15:02