Дела на македонски уметници ќе бидат презентирани во рамки на Вечер на современа македонска уметност која ќе се одржи во Белград на 7 април.

Првпат во Белград ќе биде прикажано долгометражното видео „Reality Overdrive“, кое е своевиден видеоалбум на групата „The Hip“. Видеоалбумот ја доби наградата за особен придонес и развој на македонската алтернативна сцена на манифестацијата МАН.

Долгометражното видео е во режија на Јане Алтипармаков, а оригиналната идеја е на Љубиша Петрушевски. Камерата е на Наташа Гелева, а монтажата ја сработија Владимир Петровски Картер, Дарко Стефановски и Димитар Илиевски. Настапуваат Ања Илиева и Сања Костовска.

На настанот ќе има и проекција на краткиот филм „И фабриките имаат душа“. Јане Алтипармаков и Наташа Гелева се режисери на фотоесејот. Монтажата и постпродукцијата е на Дарко Стефановски, а авторската музика ја компонираше Игор Василев. Координатор на проектот е Јан Харлан, кој бил извршен продуцент на филмовите на Стенли Кјубрик.

Пред белградската арт-публика ќе бидат прикажани и кратки анимирани филмови на Вук Митевски, Жарко Иванов, Иван Ивановски, Крсте Господиновски и Владимир Лукаш.

„Фрагментација“ е насловот на изложбата на фотографии – авторски концепт на Наташа Гелева. Ќе има и изложба на цртежи од Владимир Лукаш.

Вечерта на современа македонска уметност е во организација на арт-иницијативата „Креативен Викенд“ и ќе се одржи во арт-центарот „Медуза“ во Белград.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 16:03