По 23-ти пат во Скопје синоќа беа прогласени 10-те најуспешни менаџерки за 2018 година. Изборот традиционално го организира агенцијата „Марили“, а годинашниот се одржа под покровителство на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Присутните ги поздрави министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска која изрази уверување дека со овој избор ќе се даде импулс во рушењето на стереотипите што жената ја врзуваат само за домот, за семејството, што ја парализираат претпримачката иницијатива и економска иновативност, акумулирани во женската популација.

-Како Влада демонстрираме посебна отвореност во нашите политики и истите ги креираме и имплементираме без да правиме какви било фаворизирања по основ на родова припадност, затоа што надминувањето на психолошките бариери во однос на тоа жените да ги гледаме како претприемачи, менаџери, сопственици на компании, станува темелна потреба за остварувањето на долгорочни економски резултати. Нашата цел е да ја развиема економијата на начин што ќе понуди подеднакава шанса за сите, вклучително и за жените, рече Апостолска.

Преку писмо добитничките ги поздрави и министерката Шекеринска која вели дека и самата како жена министерка за одбрана добро знае како е да се пробиваат бариерите во политиката.

-Како жена што ги поминала сите скалила во една од двете најголеми партии, имам точна претстава колкава е и каква е борбата, се наведува во писменото обраќање.

На манифестацијата се обрати и генералната менаџерка на агенцијата „Марили“ Лидија Трипуноска која истакна дека проектот опстојува речиси четврт век кој ја афирмира жената во бизнисот, успешната жена менаџер.

-Ова е приказна за неуморните, истрајните, упорните, храбрите и силни жени со визија. Приказна што ја ткаеме 23 години обидувајќи се невидливото или помалку видливото, а реално присуство во нивните животи како вредност, да го направиме видливо, препознатливо, вредно и да го кренеме на пиедесталот на успешноста. А тој им припаѓа на најуспешните жени менаџери, рече Трипуноска.

Годинашни 10 најуспешни жени менаџерки се: Даниела Адемоска, сопственик и генерален менаџер во Double Tree by Hilton – Скопје, Наташа Ангеловска, генерален менаџер на Тродат-Тромак – Скопје, Маја Ацески, продукциски и извршен менаџер на „Златекс“ – Скопје, Ивана Ѓоргиевска Матевска, оперативен директор на ХАСЕЛТ – Скопје, Марија Секуловска Митревска, генерален менаџер на „Бага Фоод“ – Битола, Даниела Карадаков, директор на Бизнис-академија Смилевски (БАС) – Скопје, Јасна Ажиевска Петрушева, административен извршен директор на Мермерен комбинат АД Прилеп – Прилеп, Викторија Рафајловска, генерален менаџер на „Викторија Боб ДОО“ – Гостивар и Нина Шерифовска, извршен директор на „Парк резиденс“ – Скопје и 10 Ирена Минева, полковник – командант на Воено-медицински центар – Скопје, АРМ.

Покрај Минева која доаѓа од АРМ, останатите се од приватниот сектор, од компании од различни области и дејности и најчесто се препорачани од нивните деловни колеги и партнери.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2019 12:01