Европската мрежа за современа драма – Еуродрам ги соопшти резултатите од изборот на најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2019 година. Меѓу нив се и три преводи на македонски јазик. Преводите на Оливера Павловиќ и Дарко Јан Спасов се наградени меѓу 365 пријавени од цела Европа.

Македонскиот комитет на Еуродрам соопшти дека разгледал вкупно осум предложени преводи, од кои како најдобри ги избрал: „Танцот Делхи“ од Иван Вирипаев, во превод од руски на Оливиера Павловиќ;„Брана“ од Конор Мекферсон, во превод од англиски на Дарко Јан Спасов и „Милата Елена Сергеевна“ од Људмина Разумовскаја, во превод од руски на Оливера Павловиќ.

Наградените преводи ќе бидат споделени во мрежата на Еуродрам, а доколку условите дозволуваат, ќе бидат објавени и претставени преку јавни читања во 2019 година. Македонскиот комитет на Еуродрам ги препорачува наградените преведени драми за сценска изведба во македонските театри.

Оливера Павловиќ е долгогодишен преведувач од руски јазик. Дипломирала Филолошки факултет во Белград на отсекот за општа книжевност и теорија на книжевноста. Работи како драматург во Битолскиот народен театар. Преведувач е на неколку значајни дела од современи руски прозаисти и превела драмски дела и адаптации. Преведувач е на одбрани драми од Чехов, комплет книги по повод јубилејот 100 години од смртта на Чехов (2004).

Дарко Јан Спасов е македонски драматург и преведувач. Работи како драматург во НУ Театар Комедија. Дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на катедрата за македонска и јужнословенска книжевност и чешки јазик, а магистрирал драматургија и сценарио на ЕСРА.

Еуродрам е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на Еуродрам избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и изведување.

На http://eurodram.org/ е достапен списокот на најдобри драмски преводи на други европски јазици.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2019 16:56