АД ЕЛЕМ ја заврши минатата година со добивка од 29.827.097 евра, што, според соопштението од компанијата, се должи, пред се, на нивното ефикасно работење и на одлично изведените и синхронизираните продажби на вишоци на електрична енергија со просечна цена за околу 50 проценти повисока од регулираната цена на електрична енергија.

– Во 2018 година АД ЕЛЕМ оствари приход од 21.051.753 евра од продажба на вишоци електрична енергија. Притоа, продадени се вкупно 353.320 MWh енергија, по просечна од 59,58 евра за MWh, соопшти денеска ЕЛЕМ, потенцирајќи дека 2018-та е најуспешна финансиска година од постоењето на компанијата.

Иако заради изведените ремонти на сите капацитети се зголемени трошоците за резервни делови и материјали и услугите за одржување, наведува компанијата, сепак остварени се значителни заштеде по други позиции, како што се трошоците за мазут, трошоците за суровини и материјали, останати расходи од работењето… Лани ги намалиле трошоците за ископ на јаглен и јаловина, како и за ангажирање надворешна механизација, од 38 милиони евра во 2015-та на шест милиони евра во 2018-та година.

Големи заштеди, дополнуваат од ЕЛЕМ, се бележат и во потрошувачката на мазут во РЕК Битола во однос на претходните години, како во вкупните количини, така и во специфичната потрошувачка на мазут по произведен КWh електрична енергија. Намалувањето на трошоците за мазут се движи од 17.800. 000 евра во 2015 година на четири милиони евра во 2018 година.

Намалените трошоци и постабилното работење на компанијата во изминатите година и половина, резултирало со намалени трошоци за производство на електрична енергија и намалена регулирана цена утврдена од страна на Регулаторната комисија за енергетика во 2018 година. По долги години раст, регулираната цена на електрична енергија минатата година се намалила од 41 евро за MWh на 39,67 евра за MWh.

ЕЛЕМ нагласува дека по континуираниот пад на производството во последната декада, се бележи благ пораст на производството во минатата година, којшто за годинава е планирано да биде поголем и вкупното производство да изнесува 4.400 GWh, односно 10 проценти повеќе од 2017-та година.

-Со пресекот на деловната 2018 година и остварената добивка на АД ЕЛЕМ од 29.827.097 евра, сакаме да потенцираме дека домаќинското и одговорно работење на компанијата ќе продолжи и понатаму, додека остварената добивка ќе се користи за инвестирање во развојни проекти, диверзификација на производството, заштита на околината, како и за помагање на заедницата и покажување општествена одговорност од страна на АД ЕЛЕМ, стои во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2019 13:26